Коцевски: Закани врз социјалците да гласаат за Чадиев!
Покриен Градски пазар со паркин простор во рамките на трговско деловен центар. Ова е приоритетно изборно ветување на кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата Сојуз за иднината, Аце Коцевски.
Тој соопшти дека објектот ќе се гради на локацијата на централниот градски пазар по пат на јавно приватно партнерство и ја обвини актуелната власт за тоа што во изминатите четири години не успела ниту да ја доврши постапката за донесување на детален урбанистички план за градскиот пазар, а не да се зафати со изградба на нов.
Коцевски на велешани им понуди проекти за изградба на Зелен пазар во населбата Тунел, за доизградба на општинската зграда и отворање на нов центар за граѓански услуги во чии рамки ќе профункционира и шалтер на Македонски пошти, отворање на туристичко биро во Велес, преку измена на Генералниот урбанистички план на градот и носење на Детални урбанистички планови забрзан урбан и економски развој на градот, заштита за граѓаните од смрдеата што доаѓа од свињарските фарми лоцирани во близина на Велес, подобрување на јавното градско осветлување со штедливи енергетски поквалитетни светилки, изградба на термо фасади и топловодни системи во училиштата и детските градинки.
„Изградба на трговско деловен центар под Градски саат бидејќи просторот е целосно неуреден и остава лош впечаток и грда слика во градот. Со реализацијата на овој проект Велес ќе добие убав современ објект и соодветен паркинг простор“, рече Коцевски.
Во колку ја добие довербата на велешани Коцевски најави изградба на регионална фабрика за третман на цврст комунален отпад со современ систем за селектирање, собирање и рециклирање.
На жителите на населбата Горно Оризари им вети изградба на пазар и дом на културата.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, денеска, обвини дека политичките конкуренти водат кампања во која употребуваат притисоци и закани. Коцевски како пример го посочи кандидатот за советник на ВМРО ДПМНЕ Нада Трајкова, за која рече дека се заканувала со укинување на паричната помош на приматели доколку не гласале за Славчо Чадиев.
