Осквернавени надгробни споменици и плочи во двор на црква „Свети Спас“ во Велес
Објавено: 25 октомври, 2026, во 12:47 часот
Со истуркани надгробни споменици и искршени надгробни плочи се соочија претпладнево посетители на вечни почивалишта на членови на семејства, роднини и пријатели на гробни парцели којшто се наоѓаат во внатрешниот двор на црква „Свети Спас“.
Дел од надгробните споменици се сосема осквернавени додека дел од нив се турнати и изместени од постаментите на кои што биле поставени. „Глетката воопшто не е пријатна за гледање, има искршени и садови, вазни како и други обележја што сме ги купиле и оставиле на гробните парцели, рече велешанец.

Дума.мк постави прашање до Сектор за внатрешни работи (СВР) Велес дали има пријава од граѓани за сквернавени надгробни споменици во црквата Св. Спас како и инаформација за тоа што се случило и кога во дворот на оваа црква во градот?

Оттаму одговорија дека имаат пријава и дека инспектори веќе извршиле увид.
„Во врска со Вашето прашање Ве информираме дека на 25.10.2026 околу 10:00 часот во СВР Велес е пријавено дека во внатрешниот дел на црквата Св.Спас има неколку искршени споменици. Полициски службеници од СВР Велес преземаат мерки за утврдување на состојбата во врска со пријавеното и расчистување на настанот,“ соопштија од велешката полиција.

Според Кривичниот законик на Македонија (КЗ) сквернавење на надгробни споменици претставува сериозно кривично дело кое се гони по службена должност. Според член 400 од КЗ „тој што неовластено ќе разурне, оштети или прекопа гроб или надгробен споменик се казнува со парична казна или со затвор до една година а доколку станува збор за поголем број на гробни парцели казната затвор изнесува три години“.
Убавка Јаневска


