Инфектологот Марковски пласира невистина дека пандемијата е завршена

Објавено на 27 јули, 2021 во 09:53

Инфектологот Вело Марковски пласира невистини поврзани со коронавирусот и вакцинирањето. Тој во изјава за порталот „Локално“ дава неколку тврдења коишто ги оценуваме како невистинити

1.Марковски во својата изјава вели дека децата не треба да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет.

Да се оди со вакцина на деца за да се постигне колективен имунитет, а при тоа да не провериме дали децата имаат имунитет, и колкав е процентот на колективниот имунитет кај возрасните е крајно несериозно и неодговорно. Подалеку од децата. Во тек на изминатата година ипол децата ја поминуваа многу лесно инфекцијата со САРС КоВ2 вирусот. Не гледам зошто би се променило тоа. А, ако возрасните веќе имаат колективен имунитет (од вакцина, или прележување), не може да се разболат од никого, па ни од децата.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иако поголемиот дел од децата до сега имале имаат низок ризик да развијат сериозна болест ако се заразат со коронавирусот, сепак, според Светската здравствена организација потребна е нивната вакцинација за да се спречи трансмисијата на вирусот и да се постигне колективен имунитет. Освен тоа, истражувањата покажуваат дека со вакцината не само што се спречува ширењето на вирусот, туку се спречува и создавање на нови соеви и мутации кои што имаат потенцијал да ги направат постоечките вакцини помалку ефикасни или неефикасни. Па, така, невакцинираните лица, меѓу кои и млади невакцинирани лица, се „плодна почва“ за настанување на нови соеви.

Вакцинирање на адолесцентите препорачува и Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), бидејќи оттаму тврдат дека и младите може да се заразат со вирусот, кој предизвикува ковид-19 и да се разболат, а придонесуваат и во ширењето на вирусот на други. За деца над 12 години ја препорачуваат вакцината на „Фајзер“.

Вакцината на „Фајзер“ за деца од 12 до 16 години е одобрена и од Европската агенција за лекови од 28 мај годинава. Како што објави ЕМА на својата веб-страница, ефектите од оваа вакцина биле истражувани на 2.260 деца на возраст од 12 до 15 години. Студијата покажала дека имуниот одговор во оваа возрасна група е компатибилен на оној во групата на возраст од 16 до 25 години, според мерењето на нивото на антителата.

Важно е да се напомене дека вакцинацијата на адолесцентите во државава не е задолжителна, како што не е задолжителна ниту вакцинацијата кај возрасното население.

2. Д-р Марковски тврди дека пандемијата е завршена, што е уште една невистина и е далеку од реалната ситуација на терен.

За мене пандемијата заврши и мора да се вратиме во нормала

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Секако дека општествата треба со тек на време да се враќаат полека во нормала, но за тоа е потребен висок процент на вакцинирани лица. И тогаш нема да значи дека пандемијата е готова. А, сосема неточно е да се даваат вакви изјави кога во многу земји има сè повеќе заразени со делта сојот, во ниту една земја населението не е целосно вакцинирано, а во одредени сиромашни земји има многу мал процент на вакцинирани. Следствено на тоа, секојдневно расте бројот на заразени, како и на смртни исходи од самиот вирус.

Статистиките покажуваат дека на 7 јуни имало 315.150 ново заболени на светско ниво, а на 16 јули тој број изнесувал 562.728 ново заболени во еден ден.

Дека има повторен раст на заболени лица, откако се смири третиот бран, покажуваат и податоците  на дневни нови потврдени случаи на милион луѓе. Во Велика Британија на 22 мај имало 22 заболени лица на милион жители. На 18 јули имало 665 заболени лица на милион жители. И не само во Велика Британија, бројката на заболени секојдневно расте насекаде во светот. Расте бројот на новозаболени и во С. Македонија. Податоците покажуваат дека на 25 мај сме имале само четири новозаболени лица, додека таа бројка на 15 јули беше 21 лице.

И процесот на вакцинација сè уште трае и ќе трае во следниот период, а можеби и повеќе од година, така што далеку сме од крајот на пандемијата. Кај нас, до 15 јули, со една доза биле вакцинирани 21,5% од населението, а целосно имунизирани со две дози биле 12,5%. Ако земеме некоја земја, како Филипините, на пример, едвај 4,3% од граѓаните се вакцинирани. На светско ниво само 13% од населението е целосно вакцинирано.

Вакви изјави дека пандемијата е завршена се контрапродуктивни и неодговорни и го поттикнуваат населението да се опушта, да не внимава на мерките и да не се вакцинира.

3. Во истото медиумско излагање тој додава и дека високите температури се многу поопасни од вирусот.

Во моментов високите температури се неколку пати поопасни од коронавирусот. А, уште поопасни се разни цревни инфекции кои лесно можат да доведат до дехидратација која е ургентна состојба за малите деца. Значи да се внимава каква храна и вода се користат, да се применуваат сите превентивни општи мерки и мерките за лична хигиена, порачува Марковски.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Уште една неодговорна и неточна изјава. Да, секако дека треба да се внимава и на црвените инфекции особено во летниот период, но да се тврди дека високите температури се поопасни од вирусот, кој досега зеде повеќе од 4 милиони жртви, а заболени беа речиси 190 милиони лица за година и половина е несериозно. Нема никакви податоци на што се базира тврдењето дека високите температури се поопасни од вирусот и тоа неколку пати.

Цревни инфекции има повеќе видови и се предизвикани од бактерии за кои што има соодветни антибиотици и нивното лечење не е комплицирано. Според последните податоци на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа во 2016 година, на територијата на цела Европа биле регистрирани 3,124 смртни случаи од цревни болести. Споредбено, од 31 декември 2019 до почетокот на јули 2021 година во Европа се регистрирани 1.180.795 смртни случаи предизвикани од коронавирусот.

Она што е познато и јасно тоа е дека овој вирус е опасен и не може да се спореди со ниедна друга бактерија или болест. Луѓето долго време после заразата чувствуваат разни последици и имаат оштетувања на различни делови и системи на телото. Засега, за над 4 милиони луѓе ширум светот овој вирус беше фатален, а вакцинацијата е единството достапно решение за сузбивање на пандемијата.

Оцени: Симона Атанасова

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.