Сет мерки против ширење на корона вирусот донесе, денеска, Општинскиот кризен штаб на Свети Николе
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека e побарано од Полициската станица да се информираат колкав е бројот на граѓани кои биле во странство и дали се во самоизолација.
-Сите граѓани на општина Свети Николе кои имаа пристигнато од средно и високо ризичните земји за ширење на корона вирусот во општина Свети Николе од 14 март, да извршат задолжителна самоизолација во трање од 14 дена, согласно мерките на Владата и да се пријават на телефонските броеви :078/255-350 и 075/421-183. На истите, Oпштина Свети Николе ќе им се овозможи дистрибуција на храна и дезинфекциски средства за време на изолациониот период, рече Велковски.
Од денеска ќе вршат континуирана дезифенкција и чистење на улиците со противпожарно возила, потоа континуирано чистење на просториите на сите подрачни единии на министерствата и зградата на локалната самоуправа од страна на екипи на ЈКП Комуналец на кои ќе им помагаат пожарникарите.
– Се препорачува на сите такси компании и на фирмата за јавен превоз, да спроведат континуирана дезинфекција на возилата. Се препорачува на сите основни училишта на територијата на општина Свети Николе и УСО „Кочо Рацин“ да спроведат активности за континуирано учење во наредниот период, користејќи ги веб страните на училиштата, додаде Велковски.
Локалната власт, исто така, формираше волонтерска служба за дистрибуција на храна и лекови до старите и изнемоштени лица. Општината упати повик до светиниколци за волонтери кои со пријавувањето добиваат службена легитимација. Така треба да се избегнат манипулациите на терен.
За корисниците на социјална помош кои добиваат топол оброк, тековните потреби можат да ги обезбедат во просториите на Подрачната единица при Министерството за труд и социјална политика во Свети Николе./У.Ј