Асфалтиран патот Богомила – Стровија, богомилчани со барање да се провери квалитетот на патот од прилепска страна
Асфалтирани се последните 3 км од регионалниот пат Богомила – Стровија. Ги асфалтираше ЈП „Македонија пат“ подружница Велес. Според раководителот Ѕвонко Коцев инвестицијата чини 30 милиони денари.
-Поврзана е Богомила со Стровија и по она што го гледавме се надевам дека ќе биде корисен пат за жителите од овие две села, во двете општини, Чашка и прилепско Долнени, коишто беа и иницијатори патот пробиен и тампониран уште од времето на поранешната држава да се поправи и постеле со асфалт. Патот е асфалтиран пред три недели. Исто така го афалтиравме и патот од село Согле до село Теово, со проширување, кастрење и поставување на банкини. Тоа како инвестиција чинеше околи 40 милиони денари со што вкупната инвестиција изнесува околу 70 милиони евра. Сметам дека посветивме внимание на Азот и ја олеснивме комуникацијата на жителите и транспортот на стока, додаде Коцевски.
Сега по патот може да се патува со секаков вид на моторни возила. Сепак ЈП„Македонија пат“ има уште работа за да го доведе патот до безбедна состојба. Станува збор за доизградба на дел од одводните канали што, според Коцевски, повеќе се однесува на безбедноста на патот а не и на сообраќајот.
Регионалниот пат Богомила – Стровија поминува низ многу убав предел на Азот. Да се асфалтира бараа жителите како на Богомила така и на Стровија. Тие поминаа низ долг процес на докажување со националните институции кој траеше над 15 години. Сега, кога е асфалтиран, жители на Богомила сметаат дека патот е добар од нивна страна но не и од страната на Стровија каде асфалтирањето го извршила подружницата на ЈП„Македонија пат“ од Битола. Тие бараат да се провери квалитетот на асфалтот затоа што покажал попуштање на повеќе места.
Убавка Јаневска