Институциите се правдаат за случајот на Марјан Јанковски од Теово
Педесет и шест годишниот Марјан Јанковски од велешкото село Теово, болен од тешка депресија и психичко растројство, не бил примен на болничко лекување во психијатриската болница Негорци кај Гевгелија затоа што дежурниот специјалист го прегледал и оценил дека не треба да го прими. Вакa одговори денеска директорот на болницата Негорци, доктор Петар Кангов во телефонскиот разговор, кога го прашавме зошто пациентот Јанковски не е хоспитализиран. Кангов додаде дека доколку на Марјан во меѓувреме му се влошила здравствената состојба, неговите роднини можеле повторно да го oдонесат, уште во понеделник, кога повторно ќе бил повторно прегледан. Тогаш ако лекарскиот тим проценел дека пациентот има влошено здравје ќе го примеле во болница. Во спротивно ќе го врателе дома бидејќи се зависело од проценките на лекарите во болницата.
Приоритетниот упат бил само документ кој значел дека пациентот Марјан Јанковски треба да биде прегледан но, не и сместен на лекување, категорично тврди директорот на болницата во Негорци. Ако тоа го дозволува законот тогаш нејасно останува зошто лекарите од нервното одделение во велешката болница издале приоритетен а не болнички упат затоа што пациентот не ќе морал да патува до Гевгелија кога скопската болница Бардовци е поблску до Теово.
За овој болен човек вчера пушуваше Дума.мк. откако го посетивме и ги видовме условите во кои живеe. Педесет и шест годишниот Теовчанец живее во субстандардни услови, сам и единствено посетен од неговата внука. Марјан не е контактибилен, не знае што се случува околу него, кога треба да јаде или да пие лекови. Во неговата трошна куќа овaа зима не било запалено старото ќумбе на дрва затоа што тој не знае дали му студи или не. Тој многу често не им ја отворал вратата ниту на доставувачите на социјалниот оброк, на соседите кои се обидувале да видат дали е жив или мртов па дури и на внуката Драгица кога од Велес одела да го посети.
А од Центарот за социјални работи, денеска, велат дека тие неколку пати го посетиле Марјан дома и во велешката болница. Тие знаат дека поранешниот стечаен работник на Порцеланка останал без работа и пари. Затоа му одобриле социјална помош од 1.200 денари и му дале нега за трето лице од 3.800 денари. И толку. Јанковски нема законски старател затоа што внуката Драгица се обврзала дека ќе го чува.
Сега пак дали Марјан Јанковски ќе преживее и ќе се излекува зависи од Драгица, рекоа од Центарот за социјални работи во Велес. Таа повторно ќе треба да го носи во болницата во Негорци. Во оваа приказна, за жал, разврската е во рацете на здравствените работници и се разбира добрата волја на лекарите во специјалните душевни болници, независно дали станува збор за Негорци, Бардовци или во Демир Хисар, рекоа денеска соседите на измачениот, болен и сиромашен човек./Д.С