Жителите на село Владиловци бараат вода, ЈП „Тополка“ може да им намести само ново црево
Со прекини од по неколку часа и со мал притисок тече водата во чешмите во домовите на жителите на село Владиловци. Проблемот настанал откако пред речиси една година на неколку места во должина од околу два километри, пукнале цевките од водоводната мрежа. Во вид на водоскоци сега таа неконтролирано тече и не стигнува до чешмите на жителите. Тие се жалат и велат дека малиот притисок под кој тече водата и честите прекини им создаваат проблеми во домаќинствата . Проблемот неколкупати го пријавиле во општина Чашка, на чија територија се наоѓа селото но, од таму се уште не добиле помош.
„Три пати одевме во општина Чашка ама ништо. Од таму само не лажат, ни велат ќе видиме, ќе дојдеме, ама никако да дојдат и да ни го решат проблемот, да ги отстранат пукнатите цевки и таму каде што се затнати да ги исчистат. Со џипови и камиони доаѓаат само кога има избори, ќе гласаме за нив и толку“, рече Тодорче Трајков, жител на с. Владиловци.
„Не можеме ништо да правиме без вода. Децата не ни доаѓаат поради проблемот со недостиг од вода. Не ми е јасно како може премиерот да промовира проект за враќање на луѓето во село, кога се соочуваме со вакви елементарни проблеми. Кој ќе се врати во село без вода, никој“, рече загрижен жител.
Седумдесетината жители на Владиловци бараат надлежните под итно да им го решат проблемот со вода.
Од локалната самоуправа во Чашка пак велат дека до нив и до Јавното комунално претпријатие „Тополка“ жителите на Владиловци не доставиле писмено баеање. За својот проблем со водата проговориле на јавна трибина во Чашка на која присуствувал министерот за транспорт и врски. Тогаш тие побарале да им се направи нов базен и нова водоводна линија. Екипа на комуналното претпријатие излегло на лице место да го согледа проблемот со водоводната мрежа и контатирале дека станува збор за затнување на цревото од бигор. Им предложиле цревото во должина од 1.200 метри да го заменат со ново и на тој начин колку толку да им се реши проблемот.
„Јавното претпријатие „Тополка“ не стопанисува со селскиот водовод на село Владиловци. Под надлежност на претпријатието се само Чашка, Извор, Теово, Богомила и Оморани. Но сепак екипа на претпријатието отиде на лице место и утврди дека има запушување од бигор. Единствено што може да се направи е да се замени цревото со ново, но не може да се прави нова водоводна линија ниту нов базен, бидејќи тоа е многу скапо околу 50 илјади евра. Претпријатието нема толку пари“, рече лицето за односи со јавност на општина Чашка Милена Андова.
Инаку селскиот водовод во село Владиловци бил поставен уште кога селото било под Извор. Во селото моменталнно живеат околу седумдесетина жители./Д.С