(ФОТО) Еколошка акција во Општина Чашка, исчистени патишта од смет и засадени садници во населба Чашка
Околу 200 вреќи со смет беа собрани во акција , како последна за годинава, на регионалниот пат од место викано „Пашин мост” до Долги Рид, потоа од Бусилски пат до Долги Рид и од населба Чашка до Долги рид. Еколошката акција се одржа во саботата на 28 декември 2019 година. Ја организираше Општина Чашка и во неа се вклучија општинската администрација, ЈПКД Тополка Чашка и Младинската работна бригада „Кочо Рацин“ на ЗГ„Акцијаш ветерани“ од Велес. Еко акцијата заврши со засадување на дрвја во населба Чашка.
– Во акцијата се вклучија околу педесетина лица. Како Градоначалник на Чашка ја поздравив и поддржав иницијативата за која се надевам ќе прерасне во традиција. Воедно ги повикувам сите граѓански здруженија на соработка, со цел да се подигне свеста на граѓаните за чиста и здрава животна средина, рече Градоначалникот Горан Стојановски.
Акцијата започна во 9 часот и заврши во 13 часот. И покрај ветерот во студениот ден учесниците во еколошката акција успеаја навреме да го соберат сметот, од двете страни на над 10 км долгите патишта и да ги засадат садниците со дрвца во населба Чашка, што ги обезбеди Општина Чашка.
Еколошката акција заврши со топол чај, заедничка дружба и ручек, чиј домаќин беше Градоначалникот Стојановски./У.Ј