Christmas Dance Competition 2025 успешно заврши – 1920 насмеани лица и многу награди
Објавено: 22 декември, 2025, во 14:20 часот
Изминатиот викенд Велес беше вистинскиот центар на танцот со одржувањето на шестото издание на Christmas Dance Competition 2025, кое заврши повеќе од успешно и остави силен впечаток кај сите учесници и посетители. Во текот на двата незаборавни денови, сцената беше исполнета со позитивна енергија, врвен талент, искрени емоции и впечатливи танцови изведби кои уште еднаш ја потврдија моќта на танцот како универзален јазик.
На овој голем меѓународен натпревар, кој се вбројува меѓу најзначајните танцови настани во регионот, учествуваа 1920 танчари со вкупно 2369 настапи, од 36 танцови клубови од Македонија, Србија, Косово и Грција. Секој настап беше резултат на огромна посветеност, долгогодишна работа, дисциплина и искрена љубов кон танцот, а публиката имаше можност да ужива во разновидни стилови и кореографии.
Цеца Пајдакова од балетското студио Анабела за Дума.мк вели дека, по краток одмор и сумирање на информациите, може да каже дека настанот завршил одлично.
-Изразуваме голема благодарност до сите танчари, кореографи, тренери, судии, родители и помагатели кои придонесоа овој настан да биде вистински празник на танцот. Благодарност до целиот тим во бекстејџ кој се грижеше сите да бидат насмеани и задоволни да си отидат од сцена. Благодарност до АД Европа Скопје кои го препознаа нашиот квалитет и ни подарија слатки бастумчиња за секој учесник а воедно на нивниот штанд се делеа бастумчиња, бананчиња и чоколада за гостите. Исто така помагатели ни беа и Шведската козметика Орифлеим кои подарија околу 20 награди за првите места на солистите. Тука е секако и нашиот театар ЈХК Џинот, и дел од нивните вработени кои ни помогнаа во организацијата, додаде Пајдакова.
Со нетрпение се очекуваат нови средби и уште поголеми успеси, бидејќи овој настан уште еднаш потврдува дека танцот не познава граници и дека преку него се градат пријателства, спомени и заедништво.
Стефани Манева


