Две крводарителски акции во Чашка и Велес на 22 и 24 август
Објавено: 19 август, 2025, во 10:36 часот
Крводарителството е еден од најголемите хуманитарни гестови што секој човек може да го направи – гест што спасува животи. Во време кога потребата од крвни единици е секогаш присутна, граѓаните повторно имаат можност да дадат свој придонес и да помогнат таму каде што е најпотребно.
Црвен крст – Општинска организација Велес организира две крводарителски акции, повикувајќи ги сите хумани граѓани да се вклучат.
Првата акција ќе се одржи на 22 август, во петок, од 10:00 до 15:00 часот во просториите на ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка.
Втората, која е традиционална летна крводарителска акција, ќе се спроведе во недела, на 24 август од 07:30 до 14:00 часот, во просториите на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Хуманоста нема сезона. Бидете дел од овие акции и дарувајте надеж, живот и иднина.
Стефани Манева


