(фото и аудио) Состојбата на езеро „Младост“ непроменета – органската материја повторно се шири

Објавено на 24 јуни, 2025 во 12:31

Растителна маса и алги во распаѓање, измешани со остатоци од фекално потекло, повторно се појавуваат на површината на велешкото езеро „Младост“. Фотографии направени во заливот на Отовичка река сведочат за сериозноста на состојбата.

Северниот ветер, кој моментално е присутен, делумно ја држи ситуацијата под контрола, но според риболовците од здружението на спортски риболовци „Бабуна“, доколку започне да дува јужен ветар и се зголемат температурите, можно е да се повтори еколошката катастрофа од минатото лето.

Во изјава за Дума.мк, претседателот на здружението, Даниел Наумовски, изјави дека состојбата на езерото е непроменета во споредба со лани. Тој информираше дека на брегот на езерото веќе неколку месеци стојат 10 аератори, набавени со цел подобрување на водниот квалитет, но истите сè уште не се ставени во функција бидејќи недостасуваат дозволи и сертификати за нивно инсталирање.

Како што дознава Дума.мк, за аераторите целосно да бидат ставени во функција, потребни се дополнителни средства од околу еден милион денари, односно приближно 15.000 евра. Во моментов се прават напори за обезбедување на овие средства, со цел уредите конечно да бидат инсталирани и да придонесат во спречување на ширење на органската материја и подобрување на еколошката состојба на езерото.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.