(ФОТО) Командата за обука и доктрини го одбележа претстојниот Ден на македонската Армија во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“
Сребрена плакета, златна, сребрена и бронзена значка како и унапредување во повисоки чинови, мајор и полковник, добија денеска повеќемина припадници на Командата за обука и доктрини на свеченост со којашто се одбележа претстојниот празник на македонската Армија, 18 Август. Признанијата на припадниците на армијата им ги додели началникот на Генерал Штаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, додека значките им ги постави заменик командантот на КОД, полковник Лулзим Нуредини.
За време на свеченоста во обраќањето, пред присутните припадници на армијата и гости, заменик командантот на КОД полковникот Лулзим Нуредини се наврати на историските моменти од формирањето на Армијата, до Армија земја членка на НАТО. Полковник Нуредини потенцира дека Армијата дава придонес во зајакнување на Јужното крило на НАТО и со свои единици активно учествува во мировните операции во Латвија, Романија, Бугарија како и во извршување на задачи во зачувување на мирот на Косово и во Босна и Херцеговина и во други држави.
„ КОД несомнено како дел од Армијата низ годините како и сега ,покрај активното учество со свои припадници во сите мировни операции на НАТО,има голем придонес во градење на капцитетите на сите останати единици на Армијата преку активно учество во обуката и подготовката на идните офицери и подофицери на Армијата.Во развој на доктрини,правила и упатства ,изучување на англискиот јазик,развој на капацитетите за изведување на различни форми на обуки и вежби на симулациска платформа или на АП Криволак како и обука и одгледување на службени кучиња за потребите на Армијата,“ потенцираше полковник Нуредини.
Тој, исто така, на сите припадници на КОД, присутни на денешната свеченост но и на сите коишто во овој момент се на нивните работни места, во и надвор од државата, им го честиташе „18 Август – денот на Армијата“ посакувајќи им добро здравје и успех во работата.
Убавка Јаневска