Ногаевчани минат по реконструираниот мост но, бараат осветлување и побезбеден железнички премин
Ногаевчани минат по реконструираниот мост и сега велат дека очекуваат уште општината да постави осветлување од страната на железничката пруга Скопје – Гевгелија а државата да го направи побезбедно минувањето преку железничкиот премин.
Жителите на селото кои пред три години беа сведоци на уривањето на мостот, од протекот на големо количество вода во реката Вардар, се задоволни што со поправката добија осветлување од страната на селото. Но, мостот не е осветлен а столбови со сијалици нема и од другата страна.
– Таму е поризично бидејќи мостот од пругата го дели непрегледен свиок. Ноќе кога е црна темнина е уште поопасно преминувањето. Дење треба два пара очи да внимаваат кога се симнуваш од регионалниот пат на пругата, рече жител на селото.
– Црна точна е овој железнички премин. На него гинат луѓе и нешто мора да се стори, рече жителка на селото.
– Ако се постави осветлување од оваа страна тогаш и јас ќе добијам можност да внесам струја во куќата која е единствена на брегот на Вардар под пругата. Тука се преселив со сопругата и планираме постојано да живееме само да добиеме струја, рече сопственикот.
Барањето на овој човек го слушна и градоначалничката на Градско. Жанета Чаушевска рече дека ќе се заложи за решение на проблемот.
– Немав информации дека брачниот пар се преселил и сега постојано живее во оваа куќа. Градбата е викендица но ако е така како што кажува ова семејство тогаш треба да им обезбедиме електрична енергија, рече Чаушевска.
Освен струја општината ќе треба повторно да побара од ЈП „Македонски железници“ да го осигураат и преминот преку линијата Скопје – Гевгелија кај селото Ногаевци. Претходниот градоначалник Глигор Коцев, на почетокот на годинава, рече дека има пратено писмо со кое побарал МЖ да интервенира за поголема безбедност на оваа црна точка.
Министерот за транспорт и врски вчера изјави дека овој месец треба да започне реконструкцијата на железничката инфраструктура на делот Градско – Неготино.
– Проектот опфаќа инвестирање во осветлување и сигнализација на повеќе премини, рече Миле Јанакиевски.
Подобрениот пристап до пругата и преминувањето преку неа, на железничката линија на која има светлосна и звучна сигнализација, е значајна работа и за фирмите кои имаат производствени погони во близина на селото Ногаевци. /Б.Н