За смртта на Рамадан семејството Демирови ги обвинија полицијата и лекарите
„Ако навреме му помогнеа на татко ми, тој денеска ќе беше жив“. Вака видно вознемирен и скршен од болка, Роберт Демиров од неготинското село Пепелиште, ја раскажа агонијата низ која поминувал неговиот татко пред две недели, кога со својот моторцикл завршил под тркалата на сканијата марка „Мерцедес “со неготински таблици, во центарот на Градско. Тој тврди дека татко му скоро час и половина, со откината нога и во локва крв лежел до сканијата, а полицијата не дозволила никој да му помогне иако бил свесен и барал помош. Демиров обвинува дека полицијата дури не го стопирала сообраќајот на регионалниот пат, иако татко му лежел таму.
„На местото на несреќата јас стигнав кога татко ми го внесоа во амбулантното возило, но тој таму лежел час и половина. Нас не ни е јасно зошто полицијата не им дозволила на луѓето кои веднаш се стрчале да му помогнат, зошто татко ми лежел толку долго на земја и не му била пружена никаква помош. Многу очевидци се понудиле да му помогнат. И ако тоа било навреме сторено а лекарите му го сопреле крварењето тој сега ќе беше жив. Таму имало и медицинска сестра, и не ми е јасно зошто не му ја стегнала ногата за да не крвари. Тоа не можеме да го прифатиме како и фактот зошто не бил запрен сообраќајот на местото на несреќата за што имаме и доказ, поточно снимен видео клип на кој се гледа како полицијата ги пушта возилата, а татко ми лежи на земја“, рече Демиров.
„Ако реагирале на време, моето момче ќе беше живо, можеби ќе беше сакат, ама ќе живееше. Ова е голема трагедија за нас а невидена срамота за институциите и државата, “рече сопругата на Рамадан, Нафије Демирова.
Сообраќајната несреќа се случила во четвртокот околу 17.30 часот во центарот на Градско. Педесет и осум годишниот Рамадан Демиров бил гостин во домот на внукот Марин Фазлиов во Градско од чиј дом излегол со моторцикл за да купи храна од маркетот во цектарот на Градско. На враќање кај Фазлиови, додека возел, видикот на патот од десно му го попречила паркирана сканија. Кога се симнал на патот другата сканија удрила во него. Очевидци велат дека сканијата петнаесетина метри го влечела Демиров по патот, за на крај неговиот мотроцикл да заврши под тркалата а тој до неа. Тие веднаш се стрчале да му помогнат бидејќи барал помош и тврдат дека полицијата ги спречила.
„Јас се стрчав со уште еден друг човек да го кренеме оти бараше помош, но полицаецот ме фати за јаката од палтото, ме крена и сакаше да ме удри. Човекот саат и пол се мачеше и никој не му даде помош . Глетката беше стравична. Брзата помош дојде после саат и пол, човекот викаше од болки, а никој не му помогна“, рече очевидецот Јонуз Алиев.
„Човекот лежеше на стомак, со рацете се подигаше, целиот беше во крв, едната нога му беше скршена, му висеше. Полицијата не дозволи никој да му помогне. Докторката од Градско беше таму ама таа чекаше од Велес да дојдат и не му даде никаква помош. Ако изреагираа навреме човекот ќе се спасеше“, рече внук на Демиров, Марин Фазлиов.
Свесен и контактибилен Рамадан Демиров бил се до моментот кога со амбулантно возило бил пренесен во клиниката во Скопје. Неговите блиски велат дека по операцијата паднал во кома и за два дена починал.
За обвинувањата на Демирови став побаравме од велешката полиција. Од таму тврдат дека полицијата постапила испрано и не дозволила никој да се приближи до Демиров поради сериозноста на повредите.
„Веднаш по пријавената несреќа полициски службеници од полициска канцеларија Градско, го обезбедиле местото на несреќата, повикале вопзило на итна медицинска помош и го повикале дежурниот доктор од амбулантата во Градско, кој за кратко пристигнал на местото на несреќата со уште едно медицинско лице. На повреденото лице веднаш му е укажана помош од страна на дежурниот доктор и по пристигнувањето на возилото на итната медицинска помош е пренесен во медицински центар Велес, од каде е препратен во клинички центар мајка тереза во Скопје, пишува во соопштението на СВР Велес.
Демирови сега ги чекаат резултатите од обдукцијата на телото на Рамадан како и анализите од вештачењето на моторциклот. Се надеваат дека само така ќе докажат оти нивниот татко и сопруг починал поради непружена помош./Д.С