Пожар во стара куќа во Градско
Пожарот избувнал утрово околу 10 часот во трошна куќа, сопственост на граѓани што не живеат во населбата Градско. Старата куќа се наоѓала веднаш под главната улица „Маршал Тито“, во непосредна близина на железничката станица. Чадот и пламените јазици најнапред ги забележале жителите од околните куќи кои пријавиле во полициската станица од каде ја повикале противпожарната единица од Велес. До моментот додека пристигнала пожарната жителите и вработените од Македонски железници го гаснеле пожарот кој најнапред ги зафатил долните простории а потоа и гредите од катот. Со брза интервенција на пожарникарите пожарот бил локализиран. Не било дозволено огнот да се проши и да ги зафати соседните куќи.
Пожарот, според жители од Градско , бил предизвикан од запален оган од страна на мигранти кој засолниште наоѓале во напуштената куќа. Во последниве денови, во една од просториите на куќата било забележано дека претстојувале група на мигранти кои пеш го минуваат патот од Гевгелија до нашата северна граница, кај Табановци, а како рута им служи железничката пруга Гевгелија- Велес-Скопје- Куманово- Табановци.
По локализирањето на огнот пожарникарите пронашле траги од пепел од оган од кој мигрантите се затоплувале. Пронајдени се и поголеми парчиња стиропор што најверојатно служел како легла за преноќување или одмор.
Увид на местото на пожарот покрај пожарникарите извршила увидна полициска екипа. Информацијата ја потврди портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска и најави дека по целосната истрага ќе бидат соопштени причините за пожарот. /С.А.