Општина Градско ја обновува комуналната механизација со финансиска поддршка на Јапонска Амбасада
Нов трактор со дополнителна механизација што на ЈКП „Клепа“ ќе му овозможи подобрување на интервенциите при дефекти во канализациските и одводни мрежи, кај чистењето на одводни канали,при транспортот на отпад, чистење на диви депонии како и при чистење на снег на локалните патишта обезбеди ќе може да набави Општина Градско. Средствата во висина од 42 илјади евра општината ги обезбеди преку грант од програмата за мали проекти и човечка безбедност на Јапонска Амбасада.
Договорот за финансиската поддршка денес го потпишаа Градоначалникот Роберт Бешовски и Амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија Кеико Ханеда.
-Досегашната рачна работа ќе се механизира. Тоа ќе резултира со ефикасност, ефективност и заштеда во време и пари. Голема благодарност до Амбасадорката Ханеда и очекувам оваа прва средба да овозможи подолгорочна соработка и за реалзација на значајни проекти за граѓаните во нашата општина со што би обезбедиле подобри услуги за граѓаните. Ова е прва донација за што сме благодарни, рече градоначалникот Бешовски.
– Донацијата е подарок од граѓаните на Јапонија и се чувствуваме среќни што ќе се подобри секојдневниот живот на граѓаните, рече Амбасадорката Ханеда.
Нејзината Екселендија Ханеда додаде дека донацијата се доделува во време кога Јапонија и Република Северна Македонија слават 25 годишен јубилеј од воспоставување на дипломатски односи.
– Утрово во разговорот со Градоначалникот Бешовски му кажав дека Градско е мое омилено место. Винариите и Археолошкиот локалтет „Стоби“ привлекуваат голем интерес на туристи од Јапонија, додаде Амбасадорката Ханеда.
Таа најави зајакнување на врските помеѓу амбасадата и општината и ја посети реконстуираната Железничка станица во Градско./У.Ј