Исени во посета на СВР Велес: Приоритет е поголема безбедност за сите граѓани
Објавено: 14 јули, 2025, во 15:43 часот
Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, денеска го посети Секторот за внатрешни работи во Велес, каде што оствари работна средба со раководството на секторот. Посетата е дел од пошироки активности на Министерството за внатрешни работи за унапредување на безбедносната состојба и подобрување на институционалниот капацитет на терен.
Според информации од МВР, на средбата се разговарало за тековните активности на СВР Велес, предизвиците со кои се соочува секторот и начините на нивно надминување. Посебен фокус бил ставен на безбедносната состојба во регионот, со акцент на актуелните трендови на криминал и преземените мерки за негово сузбивање.
-Целта е јасна – поголема безбедност и владеење на правото на секој дел од територијата на државата. Министерството останува посветено на мисијата за обезбедување стабилна и безбедна средина за сите граѓани, истакнал Исени при крајот на посетата.
Од МВР додаваат дека ќе продолжат со вакви теренски посети, со цел директна комуникација со полициските структури и навремено идентификување на потребите и предизвиците на локално ниво.
Стефани Манева


