„Извидници за пример“ – воспитно образовна улога на ИО „Димитар Влахов“ (ФОТО)
Во извидничкиот Центар во село Голозинци, викендов, се одржаа јубилејните традиционални „35 Средби на извидници Голозинци – Велес 2021“. Организаторот, Старешинството на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, поради здравствените протоколи програмските активности ги насочи само кон одредското членство со реализација на едукативни работилници и тим билдинг. Учесници беа извидници од Велес и од Чашка, членови на одредот.
Во рамките на едукативниоте работилници велешките извидници ги збогатија своите знаења за подготовка на конзервирана храна, зеленчук. Извидниците научија како се конзервираат пиперки, домати и краставички „корнишони“.
За подготовката на овие работилници извидниците зеленчук сами го набраа од сопствената извидничка зеленчукова градина.
Во делот на работилниците, исто така, учесниците ги совладуваа и вештините за подготовка како и за печење на бели пецива поточно кифли, сендвичи и леб.
-Крајот на средбите ги даде очекуваните резултати. Совладани се техниките на подготовка на храна. Со овие активности извидниците од Велес докажа, по кој знае кој пат, дека се организација која што ги воспитува и едуцира младите на сите полиња и дава придонес во образованието на младите луѓе низ систем на вредности засновани врз Извидничкиот Завет и Закони. Целта е да помогне во изградба на подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството, рече старешината Ангелче Гушев.
Со одржаните 35 средби, викендов во Голозинци, Извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележа 69 години постоење, во Велес и во државата, 70 години извидништво во Велес како и 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија.
Убавка Јаневска