Јанчев: Во Кавадарци наскоро ќе започне изградба на Дом за стари лица

Скорешната изградба на домот ја најави градоначалникот Митко Јанчев и додаде дека веќе немало никакви препреки за објектот што ќе се градел според сите потребни стандарди.
– Препреки нема. Имаше усогласување со претходната гарнинтура на Министерството, којашто нашата иницијатива за изградба ја прифатија во 2024 година со средства во висина од 10 отсто од вкупната сума, бидејќи немаше доволно финансиски средства. Потоа со ребаланс на буџетот во 2024/25 година обезбедени се финансиски средства во висина од 157 милиона денари со ревидирање на пресметките. Тоа значи дека можеме да ја започнеме изградбата со сите стандарди на старски дом и со сите други пропратни елементи коишто треба да ги содржи институцијата, додаде Јанчев.
Градоначалникот најави дека бидејќи предвидените седствата се одвоени и ставени во буџет камен темелникот на старскиот дом ќе биде ставен до крајот на месец јуни или до средина на месец јули.
Убавка Јаневска
