ЈПДП ја соопшти фирмата што ќе го санира мостот кај Башино Село, градоначалникот Колев потврди дека го најавила почетокот на работата во Општина Велес

Фирмата „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ од Чучер Сандево ќе го санира мoст кај Башино Село. Таа е Друштво за градежништво и проектирање и е воведена во работа на 21 март,годинава. Рокот на изведба на градежните работи е 3 месеци од започнувањето. вредноста на проектот е 24,614,554.00 денари без ДДВ, соопшти Јавно претпријатие за државни патишта.
Фирмата има обврска да изведе градежните работи на долниот дел на мостот поточно да ги зацврсти со поставување на нов вид на материјал на столбовите како најсовремено решение и да ја санира платформата на мостот од долната, страна која што се наоѓа централно над водата на реката и странично во деловите над двата брега.
-Запознат сум со сите работи, фирмата изведувач го најави започнувањето на работата во Општина Велес. Во моментов се домонтируваат скелињата под мостот по што ќе започнат и градежните работи. Поставена е таблата на која се испишани инвеститорот и изведувачот. Директорот на ЈПДП Коце Трајановски ќе дојде на локацијата каде се изведуваат градежните работи и ќе ве информира за поединостите, рече градоначалникот Марко Колев.
Според последните информации, изведувањето на градежните работи, нема да пречи на сообраќањето со ограничена брзина од 30 км/час по мостот којшто сега се реализира на средината на коловозот каде се наоѓаат неоштетените столбови, со една лента и двонасочноста ја регулира семафор со светлосна сигнализација. Ова времено решение започна на 2 март, годинава откако сообраќајот на овој мост беше еден месец целосно забранет.
Убавка Јаневска
