Кавадарци во 00:35 доби машко бебе
Зорица Трпкова од Кавадарци во триесет и петата минути од новата година на свет донесе машко дете. Со тоа и Кавадарци го доби новиот жител. Градоначалникот Александар Панов попладнево беше во посета на гинеколошко-акушерскиот оддел и на мајките им предаде скромни подароци од локалната самоуправа.
„Во 00.35 часот спонтано е родено машко дете, тешко 2900 гр, а долго 49 см. Мајката и бебето се во стабилна состојба. Второто бебе е породено во утринските часови со царски рез. Се работеше за ризична бременост со карлична презентација, прснат воденик и утринава во 9.30 е завршено породувањето, а цвеќе во родилната сала ја имаме и третата родилка„ рече началникот на гинеколошко-акушерскиот оддел во кавадаречката болница д-р Бранко Поповски.
Градоначалникот Панов им го честита новородениот син на Трпкови и нагласи дека по неколку женски години, оваа за Кавадарци е машка година.
„Од мое лично име и од име на локалната самоуправа би сакал на фамилијата Трпкови да им го честитам новородениот син. Да биде жив и здрав. Сакам да им честитам и на другите семејства за родени деца во новата година. Второто дете е женско. Оваа година имаме повеќе деца за разлика од лани. Тоа е добро што му се случува на Кавадарци. На сите граѓани да им посакам да имаме многу поголем наталитет. Оние што имаат намера да раѓаат трето дете тоа да го направат без никакво размислување. Навистина Македнија е во една критична фаза, во која забележуваме намалување на наталитетот. Оваа година која помина е во знакот на помалку родени деца кај нас православните. Затоа да порачам да го следиме примерот на нашите баби и дедовци кои имале по три четири, пет и повеќе деца“ рече градоначалникот Панов. Тој упати благодарност до д-р Бранко Поповски и неговиот тим што будно ги следеа сите родилки.
Како што информираше д-р Поповски, минатата година во кавадаречката болница се родени 513 бебиња. Споредено со 2014, лани имало три бебиња повеќе, а зголемен е и бројот на третородки.
„Лани се родени 262 машки деца, 251 женски. 92 породувања се извршени со царки рез, 20 со вакум екстракција. Нашето породилиште е меѓу ретките во кое се вршат помалку царски резови во рамки на европски просек. Тоа е една европска бројка. Не сме штедливи , туку сме рационални во земањето нож во рака“ рече д-р Бранко Поповски и им упати честитки на сите трудници и родилки./А.Д