Проектот за зонско паркирање во Кавадарци најверојатно ќе се реализира годинава
На последната седница советот усвои нова, изменета одлука која ги регулира правата и обврските на приватниот партнер кој ќе биде заинтересиран за јавно приватно партнерство со општината за нудење услуги за паркирање.
Како што се наведува во одлуката, со доделувањето на клонцесијата приватниот партнер ја превзема и обврската да обезбеди неопходни предуслови за давање услуги за паркирање преку набавка на соодветна опрема.
Со договорот за концесија треба да се уреди и организира нов, модерен, автоматизиран начин на управување и контрола со уличното паркирање како и на паркирањето од затворен тип – зонско паркирање и паркирање во затворени паркинзи. Исто така со новиот начин на паркирање треба да се подобри сообраќајниот тек и да се постигне поголема безбедност на улиците, како и да се искористи секое паркинг место.
Проценетата вредност на договорот за концесија изнесува 269.922 евра , а договорот ќе биде склучен за период од 10 години.
И во новата одлука е наведено дека постапката за доделување на договор за концесија за паркирање ќе биде спроведена преку отворен повик, согласно законот за јавни набавки. Ќе се прифати најдобрата понуда. Концесискиот надоместок е предвидено да изнесува не помалку од 30.000 евра годишно, а ќе се плаќа месечно.
За успешно спроведување на оваа постапка градоначалникот формира и посебна комисија составена од претставници на власта и на опозицијата.
На овој проект општината интензивно работеше и минатата година, но предвидените критериуми во одлуката за јавно приватно партнерство, како што беше објаснето биле строги и не прифатливи за приватен партнер кој треба да го организира паркирањето во Кавадарци. Сега се очекува изменетите критериуми да дадат и резултат, со избор на најповолна понуда./A.Д