И годинава НВО секторот ќе добие подршка од општина Кавадарци
Oпштина Кавадарци и годинава ќе соработува со невладиниот сектор и со низа активности ќе ја помага работата на здруженијата и фондациите. Советот ја усвои програмата за подршка на НВО секторот која има за цел унапредување на соработката преку воспоставување на механизми за соработка, поголема транспарентност и отчетност.
Програмата, како што велат од локалната самоуправа има за цел и да иницира поголемо учество на граѓанскиот сектор, преку негово директно вклучување во работењето на општината, да ја стимулира работата на НВО – Секторот и да ги зајакне кадровските капацитети на Здруженијата и Фондациите.
Во Општина Кавадарци има исклучително активен граѓански сектор кои делуваат во повеќе области и нивните активности и програми се во насока на подобрување на квалитетот на животните стандарди на граѓаните на Општина Кавадарци со придонес кон пошироката зедница.
Годинава е предвидено да се направи истражување за потребите на НВО секторот, проценка на потребите на невладините организации во општината за да се утврдат предностите, слабостите, можностите и ризиците на тековните програми за развој на граѓанските организации во Општина Кавадарци.
Се планира да се иразботи формален каталог на сите невладини организации во општината.
„Општината има во план да обезбеди услови за невладините организации за непречено функционирање преку отстапување на бесплатен канцелариски простор и опрема, со цел да се зајакне нивната ефикасност и да се даде придонес кон локалната заедница. Во програмата се предвидени 800.000 денари за опремување на НВО центарот од кои 50% обезбедени од Локална Самоуправа Кавадарци а 50% од УНДП“ рече градоначалникот Александар Панов.
Општина Кавадарци ќе обезбеди поддршка на здруженија и фондации преку ставање на располагање на сопствените човекови ресурси за давање на информации и стручна помош, како и за толкување на правна рамка која се однесува на ингеренциите на локалната самоуправа, а која е од интерес на здруженија и фондации./А.Д