Лозарите покажуваат зголемен интерес за органско производство
Се зголемува интересот за органско лозарство кај тиквешките лозаропроизводители. Веќе се евидентирани 40 хектари под лозов насад каде се применуваат органски техники на производство.
Првите насади се наоѓаат во атарите на селата Бегниште, Фариш, Ресава, Вешје, Барово и се застапени винските сорти грозје: вранец, рајнски ризлинг, станушина и смедеревка. На една четвртина од насадите со органското лозарство се трпезните сорти и тоа Мускат Италија и Викторија.
„Зголемениот интерес на земјоделците за органско лозарство се должи на позитивното искуство со кое се стекнаа лозарите кои се пионери во органското производство како и добиените приноси. Втората компонента е ефектот од употребата на органски препарати кои се достапни во сите земјоделски аптеки. Имено во Тиквешијата има значаен број на лозари кои користат органски препарати а немаа сертификат. Нивното позитивно икуство можат само да го надополнат со алката која им недостасува а тоа е органското ѓубре кое исто така го има на пазарот и многу лесно можат да преминат целосно во органско производство. Значаен е и податокот дека во Кавадарци има интерес и од страна на малите винарии. Годинава ја имаме првата сертифицирана винарија „Наумчеви“која ги произведе првите количини на органско вино“ рече Горан Колев , претставник од Сертификациското тело „Процерт“.
Земјоделците кои се занимаваат со органско производство добиваат стимулација и од државата. За нив субвенциите се повисоки за 70 отсто. Тие наместо 40 000 денари по хектар, колку што добиваат конвенционалните производитеи, добиваат по 68.000 денари по хектар површина. Исто така од Министерството за земјоделство добиваат и по 50 отсто за трошоците во процесот на сертифицирање.
Aнгел Данов