Кавадарчани утре излегуваат на протест
И граѓаните на Кавадарци под мотото „Нема правда- нема мир“ се приклучуваат на протестите кои се случуваат во повеќе градови во земјава. Протестот е закажан за утре со почеток од 18.30 часот од пред катастарот.
Организаторот, граѓанското движење „Протестирам“, повикува кавадарчани масовно да излезат на протест во име на слободата, правдата и еднаквоста.
„ Ние, граѓанките и граѓаните кои во борбата за правда и демократија, здружени протестираме низ улиците на Македонија во име на слободата, правдата и еднаквоста, нагласуваме дека преговори во овие услови се неприфатливи“ стои во повикот објавен на социјалните мрежи.
Преку протест кавадарчани ќе бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство, итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија. Исто така се бара произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО.
Преку протестот и кавадарчани ќе побараат итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Како што информира организаторот на утрешниот протест во Кавадарци протестот започнува од пред просториите на катастарот, ќе продолжи по улица Илинденска, а ќе заврши пред општинската зграда./А.Д