Визбите сеуште им должат на лозарите за ланското грозје
Последниот ден од април беше и последен рок за исплата на откуепното грозје од минатогодишната реколта.
Иако помина рокот визбите сеуште им должат на лозарите. Секоја година се повторуваат истите работи. Откупувачите на грозје забораваат на својата обврска кон производителите на грозје, иако новата производна сезона е започната одамна и лозарите имаат нови трошоци за производство.
Дека визбите имаат долг кон лозарите потврдува и претседателот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов. Тој истакнува дека дел од винариите успеале да го исплатат грозјето во целост, но за жал сеуште има такви кои должат.
„Искуството покажа дека лозарите се повеќе одлучуваат да го продаваат грозјето на винарите кои редовно плаќаат, а ги избегнуваат оние кои на секаков можен начин се обидуваат да ги изманипулираат нив. И годинава, како и минатите години по истекот на законскиот рок за исплата на грозјето има винарии кои имаат исплатено само мал процент од откупеното грозје„ рече Аризанов.
Тој ги повика винариите во најкраток рок да го исплатат ланскиот род на грозје, бидејќи, како што наласи, на лозаропроизводителите им се неопходни парите кои ги побаруваат од винарските визби, затоа што во тек се активностите во лозјата околу новата производствена сезона./A.Д