Остри пораки до власта од вечерашниот протест на Шарената револуција во Кавадарци
Поради повикување на информативен разговор во кавадаречката полиција на учесници во протестите на „Шарената револуција“ вечерва демонстрантите го истурија гневот повторно врз општинската зграда. Се фрлаа балони со боја и јајца. Фасадата е целосно офарбана. Револуционерите му порача на министерот Чавков дека не му се плашеле и немало полицијата да ги замолчи.
„На Груевски, Чавков и криминалната банда му порачувам. Не ви се плашиме. Нема да се повлечеме. Ќе протестираме се додека не се најдете во Шутка. Ќе протестираме се додека не ја вратиме демократијата и слободата во Македонија. Никола Груевски и бандата криминална се убијци на слободата“ рече претседателот на ОО на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев и упати од протестот порака до полициска станица Кавадарци, крим техничарите и до командирот. „Не снимате секој протест, ама ве снимаме и ние. Со вашите незаконски снимки ги викате нашите други и ги казнувате. Нема проблем. Ќе ја платиме таа казна, но крајот на овој режим се гледа. Знајте само една работа, тогаш ќе одговарате за тие снимки, затоа што немате судски налог. Кога ќе донесите судски налог можете да снимате“ нагласи Ѓорѓиев.
Првиот социјалдемократ во Кавадарци најави дека протестите на шарената револуција ќе продолжеле и во наредниот период, а наредниот протест рече дека ќе се одржи пред полициската станица во Кавадарци.
„ Може да не снимате од каде сакате. Наредниот протест јавно, без маски ќе стоиме тука и ќе фарбаме. Само така можеме да го изразиме револтот против оваа банда. А вашите камери без судски налог ке ви ги одземеме и ќе ги пријавиме во пс кавадарци, затоа што правите кривично дело. Не Чавков, не Грувски и мајка му на Груевски да дојде нема да ве спаси. Не ви се плашитеме. Одиме до крај. “ рече Ѓорѓиев.
На протестот се обрати и Ѓерасим Лазов. Учесник во сите досегашни протести во Кавадарци кој вчера бил повикан на информативен разговор во полиција.
„Вчера бев повикан во полиција поради нарушување на јавниот ред ми мир и многу ми рекоа што ти треба да протестираш, имаш мало дете. На сите им велам, токму поради ова дете протестирам, за неговата иднина, бидејќи не сакам кога ќе порасне да замине од ова земја и да го гледам само на скајп како 600 илјади луѓе млади кои заминаа од Македонија , меѓу кои и мојата сестра. Протестирам бидејќи државата е направена приватна сопственост на ДПМНЕ., бидејќи се фатени во огромни криминали и се обидоа да се аболицираат. На Чавков и на цела мафија им порачувам, нема да ме заплашите. “ рече Лазов и ги праша полицајците кои го обезбедуваа протестот, што ќе им кажеле на нивните деца, зошто бранеле криминалци кои краделе од народот.
„Младите немаат пари ни за едно кафе и после сите реформи на Груевски. Затоа протестираме низ цела држава. Бараме реални политики и напредок за младите ,а не нашата иднина да ја крои Груевски со гатачка. Во Македонија 10 години просперираат младите што имаат книшка од ДПМНЕ, другите си заминуваат по белиот свет да работат. Има ли поголемо злосторство да ги избркаш младите од својата држава. Но на добар пат сме. Младите ќе победат и ќе ја донесат промената во оваа држава. Чавков неможеш да ја убиеш идејата на шарената револуција, таа ќе победи“ рече Рената Јајовска, дел од СДММ.
„Ако за нешто му благодарам на криминалецот Груевски е фактот што не сплоти сите, ги извади овие млади луѓе кои учат како се поразува режим. Протестираме и против опструкциите кон СЈО. СЈО има да работи под полна пареа. Има секојдневно да ги гхледаме резултатите од таа работа. Секој ден ке ги гледаме како одат на распит уапсените. Груевски немој да се пазариш, домашниот пазар нема да ти помине, нема да те спаси ни гатачка ни бајачка“ порача потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.
Aнгел Данов