Градоначалникот на Кавадарци тврди дека проектот зонско паркирање бил чист
За градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, обвинувањата од опозицијата дека проектот за зонско паркирање е штетен за граѓаните, се обично замајување на јавноста од советникот Горан Белевски и СДСМ. Тој тврди дека постапката се спроведувала согласно законските прописи и за зонското паркирање била изготвена документација и анализи.
„На прес конференцијата на СДСМ беа изнесени безброј небулози и невистини и тоа од едноставна причина, Кавадарци да нема организирано паркирање што беше идеа од самиот почеток. Сметав дека СДСМ ќе имаат проактивен однос по овој проект и затоа беа членови на комисиите, со цел да обезбедиме транспарентност. Нивниот концепт подразбира приоритет на јавните претптријатија, концепт кој не е успешен, за што доказ е струмичкото комунално претпријатие“ рече Панов и нагласи дека целата студија за јавно приватно партнерство и сите дописи на заинтересираните компании ќе биле поставени на општинскиот сајт.
Според Панов, ноторна лага било тврдењето на СДСМ дека ќе се плаќаат 300 денари за еден или 500 денари за два автомобили месечно. Тоа било годишен, а не месечен надомест.
„ Цените за годишна резервација се предлог од советничката група на СДСМ. Нивниот амандмани се прифатени од наша страна и сега ги негираат. Изготвувач на студијата за зонско паркирање е Марјан Николов, кој е тесен соработник на Слаѓана Тасева или претставници и креатори на економски политики на СДСМ. Марјан Николов можете да го сретнете на нивните телевизии, Телма и 24 вести. Негирањето на ова студија значи негирање и на овие луѓе, Но тој си добил тендерот во една законска постапка. Нападот од опозицијата е напад и врз сите вработени во администрацијата, а тоа се сите служби кои јас ги наследив. Тоа ниту се членови ниту симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, туку професионалци. Јавно упатувам покана со алва и локум до сите обвинителства, посебно до СЈО, ако сакаат нека донесат обвинителство и од Тонгузија, само час поскоро да се направи увид во целата постапка за јавно приватно партнерство за зонско паркирање“ рече Панов и ја обвини опозицијата дека работела популистички и за туѓи интереси./А.Д