Зонското паркирање во Кавадарци и понатаму се одлага – укинат договорот за јавно приватно партнерство
Кавадарци го укина договорот за јавно приватно партнерство за зонско паркирање. Од општината најавуваат нови паркинг места, а најверојатно ќе се формира јавно претпријатие кое ќе го организира паркирањето
Паркирањето во Кавадарци е проблем кој со години се провлекува, а претходната локална власт најавуваше дека истиот ќе се надмине со зонско паркирање. Тогашниот совет го овласти претходниот градоначалник Александар Панов, да потпише договор за јавно приватно партнерство, како што тогаш се велеше, за намалување на хаосот со паркирањето.
Поминаа седум месеци откако договорот е потпишан, а одредбите од него не започнаа да се спроведуваат. Поради таа причина на денешната седница кавадаречкиот совет едногласно одлучи да се отпочне постапка за укинување на договорот.
Советниците од СДСМ со став дека договорот кој се укина бил штетен за општината, но и за граѓаните, на што укажувала и советничката група на оваа партија во претходниот состав на совет.
„СДСМ беше против овој договор и во 2016 и сега. ВМРО-ДПМНЕ драстично го промени својот став по ова прашање. Во 2016, кога се даде согласност да се потпише договорот ја убедуваа јавноста дека тој е добар и е од големо значење за граѓаните. Доколку се реализираше, приватниот партнер ќе инкасираше од кавадарчани 785 илјади евра“ рече советникот Петар Николов од СДСМ.
Градоначалникот Митко Јанчев пред советниците објасни дека за раскинување на договорот ќе одлучува судот, бидејќи приватниот партнер бил оштетен од неговото нереализирање.
„Во договорот има недоследности. МВР не дозволи одредени паркинг места да бидат опфатени и поради тоа договорот не започна да се реализира. Партнерот уплатил концесија од 1.8 милиони денари, а седум месеци не е започната неговата реализација“ рече Јанчев. Тој додаде дека разговарал со потписникот на договорот, но тој не бил расположен за спогодбено раскинување и најавил дека ќе бара обесштетување.
Градоначалникот соопшти дека подржува отворање на јавно претпријатие што кое ќе го организира паркирањето, бидејќи, како што нагласи, се работи за осетлив сегмент за граѓаните.
Градоначалникот на седницата информираше дека општината има предвидено уште две паркинг простори, едиот во Анот во сопственост на ЈП Комуналец и вториот како подземен паркинг на пазарот.
Додека траеше постапката за зонско паркирање преку јавно приватно партнерство често се обвинуваа советничките групи на СДСМ и тогашното мнозинство во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш СДСМ тврдеше дека најдобро и за општината и за граѓаните е да се формира јавно претпријатие, бидејќи парите на кавадарчани пак ќе останат во општината. Од другата страна стигнуваа оправдувања дека овој проект ќе го надмине проблемот со паркирање во градот и тогашниот Совет донесе и одлуки кои ги утврдуваа цените за паркирање.
„Панов е должен да и одговори на јавноста, дали со неговиот концепт за воведување на зонско паркирање, кавадарчани ќе плаќаат најскап паркинг, односно 80 денари за 3 часа во центарот на градот? Дали кавадарчани ќе плаќаат паркинг до 24, што не е пракса во останатите градови во Македонија? По заминувањето на локалната власт и градоначалник предводени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе ја поништи и укине оваа штетна одлука и ќе формира ново ЈП за паркинзи коешто ќе биде пред се, во интерес на граѓаните“ рече на прес конференција во јули 2016 година, тогашниот советник Горан Белевски од СДСМ.
И покрај неколкуте пропаднати тендери за зонско паркирање, сепак општината најде приватен партнер со кој сакаше да го реши проблемот со паркирањето во градот.
Во меѓувреме додека Општината одлучи на кој начин ќе се организира паркирањето, на кавадарчани им останува да се соочуваат со секојдневниот проблем за да најдат слободно место за паркирање. Проблем кој е особено изразен за време на пазарните денови.
Ангел Данов