По синоќешниот договор, закупецот на „Фени индустри“ во стечај, го смени ставот и нема да ги исплати транспортерите
Се смени ставот на претставниците на “Џи сол“ по синоќешната средба со транспортерите во Владата на која посредуваше вицепремиерот Кочо Анѓушев. Денеска наместо да договараат начин на исплата на заостанатиот долг за превозот на руда од времето кога газда на „Фени индустри“, беше холандски „Кунико“, тие рекле дека со купување суровини преку фирмата „Нова логистик“ ќе платат дел од долгот. Тоа значи дека извисија транспортерите на кои „Фени индустри“ им должи 3,1 милион евра.
– Ветувањето кое го дадоа пред вицепремиерот дека ќе ги исплатат заостанатите побарувања кон транспортерите не го одржаа, со објаснување дека тие не можат да плаќаат долгови на Фени, бидејќи тие не се Фени, а тие пари да си ги бараме од стечајната постапка, рече Трајче Пејковски, претседател на Здружение на транспортери „Кипер“ од Кавадарци.
Од Џи сол, закупецот на комбинатот за производство на фероникел, во кавадаречко Возарци бо у соопштение напишаа дека Нова Логистик се откажа од сето она што вчера беше договорено на средбата со посредство на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
„Денеска не успеавме да најдеме решение, бидејќи Нова Логистик го отфрли предлогот вчера прифатен на состанокот, Џи сол да им помогне на транспортерите, кои неколку месеци не беа исплатени за своите услуги. Џи сол останува на сето она што беше договорено и ветено вчера, со цел да се помогне на транспортерите.
Во стечајната маса Нова логистиг учествува со побарување од 4 милиони евра.
Сега е неизвесно дали транспортерите ќе ги прекинат протестите и блокадите на патот Дреново – Кавадарци. За тоа тие дополнително ќе одлучуваат./У.Ј