Aмбасадорот на Германија се сретна со градоначалникот на Кавадарци
Има расположение кај германските инвеститори да инвестираат во Македонија, рече меѓу другото денеска во изјавата за медиумите, амбасадорот на Германија во Македонија, Норберт Герберих по средбата со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„ Инвеститорите кај нас секогаш се информираат за тоа каква е политичката клима и морам да кажам дека моето мислење е многу оптимистичко, можат да дојдат тука“ рече амбасадорот.
Градоначалникот Јанчев информира дека разговарале за политичката состојба во земјава, економијата и за плановите на општината.
„ Германската амбасада е секогаш расположена спрема нашата општина и држава. Мислам дека извлековме неколку заклучоци за заедничка успешна соработка преку неколку проекти. Знаете дека овде ја имаме најголемата германска инвестиција „Дрекслмаер” со околу 6.300 вработени, „Синалко” е исто така германски бренд кој го имаме. Заеднички се усогласивме дека треба да се движиме во насока да донесеме повеќе странски инвеститори. Ние како општина да им понудиме подобри услови на инвеститорите“ , рече Јанчев.
Амбасадорот Герберих изрази задоволство од примерот на општина Кавадарци како работи во интерес на сите граѓани.
„ За шест месеци колку што сум на оваа функција, не е важно само да одржувам контакти со врвот на Владата, туку да ги посетувам и општините и овде добив навистина добар впечаток. Ова е пример како и политички, но и надвор од политиката, може да се работи во интерес на граѓаните. Кавадарци за Германија е од многу големо значење бидејќи овде е „Дрекслмаер”, Исто така позитивно е и отварањето на нови работни места од компанијата „Кожувчанка”, која го има брендот „Синалко”, На тој начин се продлабочуваат македонско-германските односи“ рече амбасадорот.
Претсетавникот на Германија во Македонија нагласи дека земјава има потенцијал, кога е во прашање производството на вино и додаде дека големи количини на вино од Македонија завршувале на пазарот во Германија.
Герберих пред медиумите откри дека имал пробано македонски ајвар и истиот му се допаѓал. Рече дека посебно голем фан на ајварот бил неговиот син./A.Д
.