Во печките на „Фени“ уништени 590 парчиња неупотребливо оружје на МВР
Во печката на „Фени” денеска беше изгорено неупотребливо и оштетено оружје од МВР. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој рече дека станува збор за придонес кон одбележувањето на 9 Јули – Светскиот ден за борбата против малото и лесно оружје и покажување на грижа во однос со состојбите со оружјето во Република Македонија.
– Ние ги спроведовме сите можни процедури кои значеа формирање на комисија, која ќе изврши целосна проценка за количините на оружје кои се неупотребливи или целосно оштетени. Станува збор за 590 парчиња оружје и тоа пиштоли, автоматски и полуавтоматски пушки, воздушни пушки, пушкомитралези кои биле користени во разни единици на МВР и сега се надвор од употреба, рече Спасовски.
Тој додаде дека постапката се реализира согласно одлука на Владата, одредбите од законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост во која се испочитувани сите процедури како и извештајот на комисијата.
Неупотребливото оружје се врши во „Фени индустри” бидејќи располага со функционални печки наспроти „Југохром” и „Макстил”. Само во овие три производни капацитети во државата може да се ништат неупотребливи производи.
Министерот Спасовски во име на МВР му се заблагодари на раководството на „Фени индустри“ за бесплатното ништење на неупотребливото оружје./У.Ј