Специјализирано возило добија лицата со телесен инвалидитет во Кавадарци
Лицата со телесен инвалидитет од денеска ќе можат непречено да ги извршуваат своите обврски. За нивните потреби во функција е ново, адаптирано возило кое 24 часа ќе им биде на располагање за да ги пренесува каде имаат потреба.
Возилото во кое е вградена рампа за инвалидска количка е донација од германската амбасада. Денеска во Кавадарци, по повод предавањето на донацијата на средба со градоначалникот Митко Јанчев беше амбасадорот на Германија, Томас Герберих.
Јанчев се заблагодари за донацијата и нагласи дека ова возило е од големо значење за инвалидизираните лица во општина Кавадарци.
- Имаме денеска убава вест за донација на лицата со попреченост во движењето. Како општина го примаме ова возило и ќе биде во функција. Општинатра си зема обврска да организира возач и ќе ги покрива сите трошоци за одржување на возилото. Овие лица ќе можат да го користат комбето за нивни секојдневни потреби со претходно закажување“ рече Јанчев.
Амбасадорот Герберих нагласи дека комбето е обезбедено со приватна донација во амбасадата, а со истото ќе им овозможат поголема мобилност на лицата кои се ограничени во движењето.
- Сакам да му честитам на градоначалникот за неговата добра работа што ја има направено откако го посетивме првиот пат па до сега. Финансиите за возилото кое го донираме потекнуваат од приватна донација во амбасадата и сме среќни што ќе овозможиме на здружението Мобилност и на неговите членови да станат што по мобилни и подобро да се движат. И понатаму ќе соработуваме со општина Кавадарци бидејќи сметаме дека е многу важна соработката со општините за понатамошниот ЕУ и НАТО интегративен процес“ истакна амбасадорот.
Михајло Михаилов од здружението „Мобилност“ се заблагодари за донацијата и рече дека ова возило е од голема потреба за сите лица кои се соочуваат со пречки во движењето.