Градоначалникот Јанчев реализирал шеесет отсто од програмата за една година
За првата година од мандатот, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев реализирал повеќе од половина проекти кои им ги ветил на кавадарчани во изборната кампања, но и проекти кои иако не биле ветени, поради потребата биле реализирани.
Тој денеска даде отчет за сработеното. Се заблагодари на советот за поддршката која му ја дава.
„Во текот на изминатата година асфалтирани се улици со вкупна површина од околу 19 000 метри квадратни, а поплочени со улици и тротоари со вкупна површина од околу 12 000 метри квадратни. Комуналната изградба со силен интензитет ќе продолжи и во 2019 година. Инфраструктурата во Општина Кавадарци е значително подобрена, ги реконструираме најфреквентните точки, Северен и Западен Булевар кои во 2019 година ќе бидат целосно готови“ рече Јанчев и се осврна на проектите во културата и спортот. Информираше дека за спортските клубови општината издвоила 11 милиони денари, а за манифестациите Тиквешки гроздобер и Свети Трифун општината потрошила околу 7 милиони денари.
Нагласи дека значително биле подобрени условите во училиштата, а за најмладите е отворен нов објект од детската градинка во кој се згрижени околу 80 деца. Најави изградба и на нова градинка следната година.
„Согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во Општина Кавадарци во изминатата година земени се во работа 5284 предмети за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Донесени се 2764 позитивни решенија, 2015 негативни решенија со кои беше одбиено барањето за утврдување на правен статус поради некомплетна документација и 505 предмети кои се уште се во постапка за утврдување на правен статус“ информираше Јанчев.
Тој нагласи дека поминал исклучително тешка година, но минувајќи низ голем предизвик, заедно со службите на општината, биле посветени да го изменат ликот на Кавадарци, а довербата од граѓаните му била мотив за поголеми успеси./А.Д