Кавадарци ќе работи на нов ЛЕАП
Општината, регионалната стопанска комора и екологистите од Кавадарци од вечерва започнуваат со изработка на ЛЕАП – локален еколошки акционен план. Од „Еко живот“ велат дека овој стратешки документ е од голема потреба за општината, бидејќи постоечкиот е стар петнаесетина година и не е ревидиран.
Екологистите веќе подолг период алармираат дека е потребна еколошка стратегија, за да се знае во која насока ќе се развива општината и како ќе се заштитува животната средина.
„На општина Кавадарци и е потребен ЛЕАП кој што го немаме веќе петнаесетина години. Еднаш беше изработен во 1998 година и не е ревидиран. Во нашата општина се чувствува голема потреба за тој стратешки документ во секојдневните еколошки проблеми. Ние сме подготвени да го изработиме и во наредните години да биде во сервис на граѓаните и институциите. Самиот документ ќе допринесе за подобрување на состојбата со животна средина во општината. Кавадарци е втора општина по големина и има доста за работа. Ќе ги опфатиме сите сегменти, аерозагадувањето кое е изразено особено во зимските месеци, квалитетот на водите и почвите, климатските промени“ вели првиот екологист во Кавадарци и апелира граѓаните да се воздржат од горење на опасни материи за затоплување на домовите./A.Д