„Фени“ не е повеќе во стечај и има нов сопственик
Апелацискиот суд во Скопје го потврдил решението на Основниот суд во Велес со кое се одобрува Планот за реорганизација на „Фени индустри“ од Кавадарци, информираа од компанијата „ГСОЛ/Еуроникел“.
Во соопштението од компанијата напишаа:
„Одобрувањето на планот за реорганизација на Фени Индустри, создаден и поднесен од ГСОЛ/Еуроникел е правосилно и претставува извршна исправа согласно одредбите од Законот за стечај. Ова значи дека „Фени“ конечно излегува од стечај и дека сега има нов сопственик, ГСОЛ/ Еуроникел, а после сите превирања оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со „Фени“ и целиот кавадаречки регион“.
Менаџментот оцени дека во изминатата година ипол, „Фени индустри“ поминала низ стечај, а начинот на кој била водена стечајната постапка и брзината со која биле обесштетени доверителите се доказ дека законот за стечај и неговото спроведување дава позитивни резултати.
„И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на Комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на „Фени“ беше регуларно и транспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за „Фени“ и сите засегнати страни од неговото работење“, пишува во соопштението на ГСОЛ/Еуроникел.
Менаџментот на „Фени“ ГСОЛ се пофали дека е глобална компанија која лани со вложени приближно 90 милиони евра во „Фени“ била еден од најголемите инвеститори во државата./У.Ј