Видео надзорот во Кавадарци е во функција
Општина Кавадарци денеска согласно важечката законска регулатива изврши обележување со известување за вршење на видео надзор на сите локации каде се поставени камерите во рамките на повикувачкиот центар.
Известувањето е јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што им овозможува на сите субјекти да се запознаат со вршење на видео надзорот.
Известувањето ги содржи следниве информации: Дека се врши видео надзор, За името односно називот на контролорот (одговорното лице) кое го врши надзорот, како и За начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде се чуваат снимките од системот за видео надзор.
На овој начин исполнувајќи ја законската обврска, општината ги информира граѓаните и учесниците во сообраќајот за постоењето на видео надзорот на градските улици. Видео надзорот го поставува исклучиво во функција на регулирање на сообраќајот, за заштита на зелени површини, за заштита на урбаната опрема, заштита на пешачки патеки, сообраќајни знаци, семафори, заштита од диви депонии и се што е пропишано во законот. Овој систем функционира во согласност со законите.
На седница на совет беше едногласно усвоен правилникот за начинот на вршење на видео надзор во кој е наведено дека лицата кои работат овде, не смеат да носат со себе смарт телефон. Тоа е како една од низата мерки за безбедност на снимениот материјал и заштита на приватноста на граѓаните.
Градоначалникот Митко Јанчев вели дека со овие новини се подигнува и безбедноста на граѓаните. Согласно законските прописи, снимениот материјал може да се користи и за истраги при кривични дела. Кавадарци е прва општина после Скопје каде се воведува надзор на сообраќајниците во градот.
„Секаде каде што ќе снимаат камерите има обележано дека има видео надзор. Ние сме единствен град надвор од Скопје кој го имплементира системот за безбедносни камери. Сите лица кои што работат таму подлежат на сертифиакт за безбедност. Влезот и излезот во тие простории е ограничен со електронска брава“ објаснува градоначалникот Јанчев./А.Д