Продолжува реконструкцијата на фасадите на зградите во центарот на Кавадарци
Денес започнаа градежните работи за обнова на фасадите на уште две згради во центарот на Кавадарци.
Согласно проектот се врши интервенција за санирање на сачокот, замена на олуците, како и крпење и фарбање на фасадите на зградата на „Тиквешко поле“ и на зградата позната како „полициска“ и ”ХЕЦ“, која е во продолжение на зградата на „ЗОИЛ“. И двете згради се наоѓаат на ул. „Илинденска“ во трговско пешачката зона – информираат од Локалната самоуправа.
Општината овој проект започна да го реализира минатото лето со зафат на дел од зградата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе”.
„Досега целосно се обновени 10 фасади, а во моментот се работи на единаесеттата и дванаесеттата фасада. До крајот на проектот ќе остане да се обнови задната-јужна фасада на зградата на Општина Кавадарци. За оваа намена инвестирани се 5.361.793 денари, а парите се обезбедени од буџетот. Изведувач на работите е кавадаречката фирма „Метал Апостолов““ велат од општината и додаваат дека при извршувањето на активностите, се спроведени неопходните мерки на претпазливост за заштита, но сепак се апелира граѓаните да бидат внимателни кога се движат во делот каде се изведуваат градежни работи./А.Д