Кавадарци ќе добие вински музеј – почна доградбата и на кејот
Кавадарци ќе добие вински музеј. Денеска градоначалникот Митко Јанчев со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и в.д директорот на Вардарски плански регион Игор Андреев, извршија увид во градежните работи на поранешната винска куќа, која до 7 септември годинава ќе стане вински музеј. Исто така од денеска се започнува со доградба на уште 700 метри на кејот, од мостот „Слога“ до Ваташа…
„Кавадарци и регионот ќе добијат вински музеј. Тој проект ќе биде од големо значење и за туризмот и за развивање на вардарскиот регион, бидејќи овој регион е познат по виновата лоза и производството на вино. Во овој музеј ќе можат да се запознаат сите наши граѓани и гости од страна за нашето минато и нашата иднина во делот на лозарството и винарството“ изјави градоначалникот Јанчев.
Министерот Милевски посочи дека двата проекти на општина Кавадарци кои се поддржани и од министерството се од големо значење и најави дека музејот ќе биде отворен на 7 ми септември, денот на ослободувањето на Кавадарци.
„Вардарски плански регион одлучи средствата за финансирање во делот на промоција на винскиот туризам да ги додели на општина Кавадарци и токму тука да направи таа винска куќа. Во музејот во кој ќе биде претставен целиот регион, ќе може да се дегустираат вина, да се одржуваат промоции предавања, обуки и се што е поврзано со виното. Ќе има една музејска изложба, како се правело виното во минатото. Општината со свои средства ќе го доуреди музејот. 4 милиони денари се од министерството, остатокот е од општината.“ рече министерот.
Исто така се отпочна со доградба на кејот на реката Луда Мара, со што се заокружува изградбата и уредувањето на речното корито. Целосната должина со пешачка и велосипедска патека ќе биде 6 километри.
„Веќе неколку години општината со вардарски плански регион и министерството за локална самоуправа работи на изградба на кејот на градското подрачје. Со оваа доградба на овој кеј ќе направиме комплетно заокружување на целиот проект. Вкупната инвестиција е 23 милиони денари, а должината е 750 метра и со тоа добиваме кеј и патеки за шетање од 6 км каде граѓаните може да уживаат и рекреираат“ вели Јанчев./A.Д