Николоски најави дека ќе се затвора „Дрекслмајер“ од компанијата велат тоа е шпекулација
Лажна е веста дека ќе се затвора фабриката „Дрекслмајер“. Вакво тврдење на предизборен собир во селото Криволак изнесе носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во четврта изборна единица, Александар Николовски. Од компанијата ги отфрлаат ваквите тврдења. И градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев тврди дека фабриката не се затвора туку од август го интензивира своето работење.
„ Беа на власт во деведесетите години ги затворија сите големи гиганти кои тогаш постоеја. Еве ги на власт овие три години пак ги затвораат новите гиганти. Ако во деведесетите години ја затворија фабриката за кабли во Неготино, сега ја затвораат фабриката „Дрекслмајер“ рече Николовски на предизборен собир во селото Криволак.
Ваквото тврдење создаде голема паника меѓу жителите на Тиквешијата, бидејќи се вработени околу 6000 луѓе од тиквешките општини и од градовите во околината. Стапивме во контакт и со службата за односи со јавноста во оваа германска компанија. Рекоа дека станува збор за лажна вест и дека тие напротив планираат да го зголемуваат производството и дека најверојатно ќе бараат јавно извинување од кандидатот за пратеник.
И градоначалникот Митко Јанчев потврди дека станува збор за шпекулација.
„Јас сум изненаден од таквите шпекулации. Имам чести комуникации со менаџментот. Имав комуникација и сега и тие се изненадени од таквите шпекулации. Дрекслмјаер не се затвора, туку напротив, од август почнува со сто процентно производство и ќе се примаат уште работници. Дрекслмајер за наредните пет години има менаџментски договори и планови за работи“ изјави Јанчев и апелираше до политичките партии за време на предизборна кампања да не ги мешаат приватните комапнии во нивните настапи./А.Д