Министерот за земјоделство најави дека ќе се откупи вранецот и со полош квалитет
Визбите ќе го откупат и вранецот со полош квалитет. Од тоа грозје ќе се прави дестилат. Ова е решението до кое се дојде по денешниот состанок во Кавадарци. Државата за ова ќе даде и дополнителна поддршка за лозарите.
„ Освен мерките кои досега ги понудивме, четири денари субвенции за да се достигне ланската цена на грозјето и поддршката на извозот на наливно и флаширано вино и извозот на винско грозје, денес ја претставивме и новата мерка. Заради квалитетот на грозјето кое има под 18 малигани, како влада ќе помогнеме со дополнителни 4 денари. Намената нема да биде за вино, туку за дестилат или концентрат за сокови. Имаме веќе решение и ќе се излезе во пресрет. Поголемиот дел визбите кажаа дека ќе можат да ги прифатат количините и ќе ги отворат вратите да се откупи количината што стои во насадите“ изјави министерот.
На нашето прашање дали ќе се подготви нов закон за лозарство како што бараат од здружението „Напредни лозари“, министерот нагласи дека во наредниот период ќе се формира комитет на лозарите и винарите и заеднички ќе градат стратегија за надминување на проблемите . Министерот Хоџа рече дека нема никаков проблем со извозот на грозје, како што пишуваа одредени медиуми.
„До доаѓањето во Кавадарци службите ме информираа дека нема никаков проблем со извозот на винско грозје“ додаде министерот за земјоделство.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев по состанокот изјави дека со предложената дополнителна мерка ќе се надмине проблемот кој настана поради лошиот квалитет на вранецот.
„Според околностите оваа година поготово во сортата вранец имаме слаби малигани. 2+2 денари е одлична мерка. Дојдовме до податоци дека вранец има многу количини назад, кој што е со полош квалитет и со болест поради лошите временски услови. Од утре ќе се прават протоколи, од вторник ќе се отворат посебни пунктови за откупување на вранец за дестилат, бидејќи ако го претвориме во вино ќе имаме неквалитетно вино. 2 милиони евра е таа дополнителна мерка што ќе ја пружи владата за откуп на ова грозје. Нема да остане грозје на нивните.“ изјави Јанчев./A.Д