Лозјата жедни за вода во кавадаречко
презен е каналот за наводнување при температури над 40 степени
Се сушат лозови насади, а пропаѓаат и други земјоделски производи во кавадаречко, бидејќи подолг период земјоделците немаат вода за наводнување. Без вода е и реката Луда Мара која поминува низ Кавадарци и има помор на риби.

За овој проблем денеска реагираа од здружението „Тиквешки лозаро овоштари“. Бараат наместо проблемите со вода за наводнување да се решаваат централно, тоа да се прави локално. Претседателот на здружението Дане Јошев смета дека годинава поради сушата ќе има значително намален род на грозје.
– Овој канал за наводнување во близина на Кавадарци е сув, делумно неисчистен. На многу места е неопходно да се интервенира, да се поправат пумпи, да се постават каналски мрежи. Недостасуваат водари и резервни делови, а и покрај тоа што нема доволно вода, водарината е скапа за наши услови, рече на прес-конференција Јошев.
Тој нагласи дека иако барале од МЗШВ да се обезбеди доволно вода за наводнување, тоа не се случило, поради што сега пропаѓа родот. Од министерството добиле одговор дека биле предвидени инвестиции од 141.720.000 денари за редовно одржување на мрежата за наводнување.
Ангел Данов
