Маркард Македонија слави една деценија успех: 10 години иновации, раст и партнерство

Со свеченост што се одржа во фабриката во Велес, компанијата Маркард Македонија го одбележа својот јубилеј – 10 години од основањето. Во присуство на бројни гости, партнери, институции и вработени, беа презентирани најголемите достигнувања на компанијата која денес е еден од најважните индустриски капацитети во земјава, со повеќе од 700 вработени и постојан раст на извозот.
Маркард се позиционираше како компанија на доверба, иновација и долгорочно партнерство, не само во рамките на државата туку и на меѓународно ниво. Десет години исполнети со визија, развој и стабилно партнерство беа во центарот на свеченото одбележување.

Прв говорник на настанот беше генералниот директор на Маркард Македонија, Ирген Шмит, кој во своето прво обраќање направи краток преглед на досегашните постигнувања на компанијата. Тој најави и нови планови за раст и развој, при што изрази голема благодарност до Општина Велес за континуираната поддршка. Особено ја истакна успешната соработка со ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ и важноста на програмата за дуално образование во подготовка на квалитетен технички кадар.
Во продолжение, се обрати и Антие Вандел, директорка на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, која зборуваше за значењето на германските инвестиции во земјава и за важната улога на економското поврзување меѓу Германија и Македонија.
Заменик-министерот за економија и труд, Маријан Ристески, истакна дека Владата на Република Северна Македонија и понатаму ќе остане посветена на поддршката на странските инвестиции и напомена дека Маркард е „Ветер во грб“ за македонското стопанство.
По официјалниот дел, гостите имаа можност да учествуваат во обиколка низ производствениот погон на фабриката, каде беа прикажани технолошките процеси, модерната опрема и работната атмосфера. Настанот заврши со коктел во пријатна и свечена атмосфера, во духот на благодарноста и визијата за иднината.
Стефани Манева
