Медиумска обука за средношколци во Младински центар Велес под покровителство на ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство
Единаесет средношколци и најголем дел членови на клубовите на новинарство во средните училишта во Велес, денеска, присуствуваа на обука за „Основи на новинарство “ во Младински центар Велес. Младите, граѓански новинари, ги обучуваше новинарката Убавка Јаневска. Таа освен 40 минутна презентација посветена на основните правила на пишување на новинарски текст во интерактивен дел со особено внимание зборуваше за создавањето на веста исто како и на жанрот интервју, за кои најповеќе се интересираа присутните средношколци.
Јаневска ја објасни потребата од создавање на професионална информација наспроти дезинформацијата со која што се почесто се среќаваат младите како и возрасните граѓани на Велес. Краток дел од обуката беше посветен на исклучителната важност на локалното новинарство и локалните вести како и на мотивацијата за избор на новинарството како идна професија на млади луѓе во Велес.
Во еден час од денешната обука, учениците имаа можност да предложат теми за пишување на професионална вест, да ја напишат а потоа и да ја презентираат. Дума.мк објавува две напишани вести, од страна на учесниците на обуката и според нивниот избор.
Вест: Работилница на тема „Основи на новинарството” се одржа денеска во Младински центар Велес
Се одржа работилница, денеска, на 27 ноември на тема „Основи на новинарството”. На овој настан, поточно обука, учествуваа ученици од трите средни општински и едно државно училишта во градот Велес. Обуката на која присуствуваа ученици на новинарските клубови на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, СОУ „Димитрија Чуповски“ и ДСУРЦСОО ,, Коле Неделковски” како и ученици на ОСУ„Јовче Тесличков“ се одржа во Младинскиот центар Велес.
-Оваа работилница беше искучително поучна за нас младите имајќи во предвид дека научивме голем број вештини поврзани со новинарството. Целокупниот настан се одржа преку интерактивни предавања и практични вежби, создавање на новинарски текстови, кои ни беа многу интересни, рекоа учениците.
Низ денешната обука на тема „Основи на новинарство” не обучуваше новинарката Убавка Јаневска. Таа ни кажа дека обуката е дел од активностите на годинешниот „Осми Медиумски Фестивал“ што се одржува во Скопје во организација на ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство која многу им помагала на жените новинарки во Македонија.
Изработиле: Јаков, Мила, Леа, Дамјан, Тамара и Никола
Вест на тема: Спортски игри во средините училишта ССОУ ,, Димитрија Чуповски” и ДСУРЦСОО ,, Коле Неделковски” со мотив за промоција на физичка активност, тимска работа и спортски дух
За учениците од средните училишта ССОУ „Димитрија Чуповски“ и ДСУРЦСОО „Коле Неделковски“, предходната недела, се одржаа спортски натпревари во одбојка. Во натпреварите првото место го освои екипата на ССОУ„ Димитрија Чуповски“. Учесниците се ученици од различни класови и години во двете училишта.
Главната цел на овие натпревари е да се промовира физичка активност, тимска работа и спортски дух, како и да се зајакнат врските помеѓу учениците и училиштата.
Спортските игри се организираат со цел, да се развиваат тимски натпревари, во различни спортови, како што се фудбал, кошарка, атлетика и други. Секое училиште формира тимови и ги подготвува учениците за учество во различни дисциплини.
Натпреварите се одржуваат во спортските сали, на спортските терени или во дворовите на училиштата, во зависност од видот на спортот и можностите на училиштето.
Автори: Анабела Николовска, Катерина Гушева, Натали Маџовска, Петар Атанасовски и Михаела Витева
Денешната обука на учениците е под покровителство на Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА и во рамки на „8-ми Медиумски фестивал Скопје“. Фестивалот започна вчера вечер во Скопје со дискусија на темата „Моќта на локалните гласови и новинарството на локално ниво“, кое денес се соочува со бројни предизвици.
Во отворена дискусија на фестивалот говорници беа новинарките Убавка Јаневска од Велес, Светлана Ристеска од Прилеп, Александра Максимовска од Куманово и Христина Николовска од Крива Паланка. Тие разговараа со модераторката Ивана Крстевска Јаневска и со присутните за моќта што ја има локалното новинарство, најгорливите прашања за локалните медиуми, подобрување на ситуацијата на локалните новинари за да ја продолжат својата важна работа и на уште неколку предизвици кои се најмногу забележливи во работата на новинарите и на медиумите на локално ниво.
Медиумскиот фестивал на Пина трае до 28 ноември и има бројни содржини посветени на медиумите и медиумските производи. Негови учесници се новинари од Македонија и од странство како и публика која има можност да проследи повеќе филмски проекции кои се однесуваат на работата на новинарите во светот.
Стефани Манева