Над 50 отсто од возачите во евиденцијата на ОУР Велес ја сменија дозволата, останатите можат навреме да стигнат до новата

Објавено на 8 октомври, 2024 во 11:36
Фото: Архива на Дума.мк

Од околу 39.000 граѓани кои поседуваат возачки дозволи, на територијата на општините Велес, Чашка и Градско, во периодот од 05 јули, денот кога почна изработката на возачки дозволи со ново уставно име, до 2 октомври, годинава, веќе 20.499 го сменија  овој личен документ. Бројката која што потврдува дека над 50 отсто од возачите ја завршија постапката дава гаранција за смена на возачката дозвола во законскиот рок, поточно 31 декември, годинава.

„Шалтерите на Отсек за управни работи Велес работат со полн капацитет со цел да излезат во пресрет на граѓаните без притоа да се создадат непотребни гужви. Од страна на економскиот оператор Симболико, кој работи за закажување на лични документи, не информираа дека за закажување на возачка дозвола се чека еден ден,“ одговорија од Отсекот за управни работи Велес на новинарското прашање на Дума.мк за состојбата со промената на возачки дозволи и особено дали сите возачи ќе можат навреме да извадат нова дозвола.

Оттаму додадоа дека бројката на запишани во Регистарот изнесува околу 39.000 возачи. Таа варијабилна е поради тоа што постојат возачи кои што мигрираат од едно населено во друго место, кај некој од нив можеби настапила смрт, веројатно е да се појават и ново положени возачи како и лица кои ги замениле своите македонски возачки со странски возачки дозволи.

Иако овој Отсек на МВР не може да даде точен број на заинтересираност на база на дневни или седмични фотографирања сепак тврди дека според анализата на податоците коишто произлегуваат од списоците на закажани термини сега забележана е зголемена заинтересираност на граѓаните за фотографирање за лични карти и за возачки дозволи, за разлика од пасошите кои беа актуелни во текот на летниот период.

Инаку, Министерството за внатрешни работи реализира и апел кампања „Замени ја својата возачка дозвола на време, без гужви, без нервози и без чекање“ чија цел е да ја покрене свеста кај граѓаните и да укаже дека краен рок за нивна замена поради уставното име истекува заклучно 31 декември 2024 година по што престанува важноста на старите возачки дозволи без разлика на датумот до на важност во нив.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.