Се реконструира водоводната линија низ неготинските улици
Целосно е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа на улицата „Енгелсова“ во Неготино каде се бележеа и најголемите загуби на водата за пиење.
Овде се санира дотраената линија, се поставија водоводни шахти и приклучоци до домовите на граѓаните. Од ЈП Комуналец очекуваат многу скоро да ги имаат податоците за подобрување на водоснабдувањето на оваа улица.
Поволните временски услови одат во прилог на активностите за замена на старата и дотраена водоводна линија уште на 8 километри водоводна мрежа, информираат од општината.
„Во моментов се изведуваат градежни работи на четири улици и тоа „Никола Петров“, „Душан Јуруков“, „Ило Виларов“ и „29 ноември“. И на овие улици по замената на водоводната линија ќе се постават водоводни шахти“ рече градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.
Неготино подолги години се соочува со проблеми во водоснабдувањето. Дел од проблемот како што објаснуваа одговорните е поради ненаменско трошење на водата од несовесни граѓани, но и поради загуби во линијата поради дотрајаност на цевките./А.Д