Локални производи од Тиквешијата ќе се продаваат на автопатот кај Неготино
Мед, маџун, слатко, гроздов сок, се само дел од локалните производи кои ќе се продаваат на штандот за локални производи отворен денеска во близина на автопатот Скопје-Гевгелија, кај Неготино.
Оваа активност е дел од проектот “Вкусот на Тиквешијата” на Здружението за рурален развој, Локална акциона група “Тиквешка винска долина” финансирана од швајцарската амбасада во Република Македонија, преку Асоцијацијата за инвестиции во руралната економија(АИРЕ). Како што е предвидено штандот со локални производи ќе функционира во текот на летото, кога има голема фрекфенција на странски туристи.
„Проектот предвидува поставување на штанд за продажби и промоција на производи од локалните производители во Тиквешкиот регион како мед, маџун, слатко, гроздов сок и слично. На штандот се застапени производи од локални производители кои сами не се во можност да се појават на пазарот, а штандот им нуди можност заеднички да се претстават и да остварат дополнителни приходи“, рече Василка Ќосева, претставник на Локалната акциона група и појаснува дека овој штанд ќе овозможи поголема видливост на Тиквешијата како регион во којсе произведуваат квалитетни автентични производи и ќе ја претстават Македонија пред странските туристи, додаде таа.
Локалната акциона група е формирана во 2016 година преку програмата за ЕУ ЛЕАДЕР пристапот од проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси. Како основачи се јавуваат општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија неколку здруженија и претставници од приватниот сектор.
„Целта на ова здружение е да го поддржува руралниот развој преку локални од доле нагоре иницијативи и партнерства, да ја зголемува соработката помеѓу своите членови, да создава услови за нови работни места и секако, да го искористува постоечкиот потенцијал за примена на нови иновативни пристапи“ рече Ќосева.
Портпаролот на општина Неготино, Методи Митрев рече дека целта на оваа група е да ја идентификува и спроведува локалната развојна стратегија, се со цел да се поттикне развојот на нови и традиционални локални производи и нивната промоција.
„Со овој проект ќе се овозможи младите да не заборават на традицијата на овие простори, а светот да ужива во локалните производи на Тиквешијата“ рече шеесет и шест годишната Лепосава Симонова од Демир Капија, која уште од дете произведува традиционални производи./ А.Д