Во првите шест месеци,годинава, драстично зголемен бројот на пожари во Неготинско
Дваесет и четири во затворен и педесет и девет пожари на отворен простор, се случиле во првата половина на годината во Неготинско. Сите ги гаснеле пожарникарите од Територијалната Противпожарна единица. Осумдесет и шест интервенции за само шест месеци е голема бројка сметаат пожарникарите. Тие за споредба ја соопштија вкупната бројка од минатата година кога за дванаесет месеци излегле и угаснале 122 пожари. Командирот на Територијалната противпожарна единица од Неготино Иле Илиев упати апел до граѓаните за внимателно однесување бидејќи најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор.
– Се изведуваат жетвени работи и потребно е поголемо внимание. Граѓаните не треба да палат оган близу до посевите. Исто така на овие пеколни температури кога се оди на излет не треба да се распалува оган за скара на излетничките места па и во близина на шума. Доколку е неопходно тогаш да се посвети особено внимание и пред заминувањето од местото за излет целосно да се угасне огнот, да го затрпаат со земја. Местото да не се напушта се додека граѓаните не се сигурни дека целосно го угаснале огнот, рече Илиев.
Деновиве, на пеколните жештини, пожарникарите интервенирале и во два случаи на запалени контејнери за смет.
Особено е важна изградената граѓанска свест за заштита на шумите, смета Илиев. Граѓаните треба да бидат совесни и да го пресметаат ризикот од шумскиот пожар како последици и врз сопствениот живот. Пожарникарите апелираат на брза реакција од страна на граѓаните при воочување на оган или пожар со пријавување на бесплатниот телефонски број 193.
– Исто така апелирам до граѓаните при излегување од дома и заминување на викенд, одмор задолжително да проверат дали ги исклучиле домашните апарати, пегли, решоа, шпорети, клима уреди се со цел домовите да ги остават во што побезбедна состојба од електричната енергија, рече Илиев.
Тој нагласи дека остануваат препораките за превентивно однесување од страна на жителите на неготинска и демиркаписка општина се со цел помалку пожари и штети./Б.Н.Т