Кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино до ОИК доставени по истекот на рокот?!
На полноќ истече рокот за доставување на кандидатските листи за советници и градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври. Во општинската изборна комисија Неготино синоќа се случувала драма.
Подносителите на листите стигнале во ОИК после 24 часот, по истекот на законски утврдениот рок за прием на кандидатури. Ваквата информација денеска ниту беше потврдена, ниту демантирана од ОИК. Ни беше сугерирано за информација да се обратиме покасно бидејќи комисијата работела на разгледување на доставените кандидатски листи. На вториот обид претседателката на ОИК Неготино не одговори на нашиот телефонски повик.
Неофицијално дознаваме дека за задоцнетото доставување на кандидатските листи од ВМРО-ДПМНЕ бил изготвен и записник.
СДСМ за свој кандидат го имаат Тони Делков, ВМРО-ДПМНЕ Златко Пенков, а во трката ќе учествува и независниот кандидат Ѓорѓи Ајтов.
Според информациите од претседателот на ОИК Кавадарци, Зоран Костов во утврдениот рок до ОИК биле доставени пет листи за советници и четири за градоначалник. „По приемот на кандидатските листи комисијата ги разгледа и кај дел од нив се утврдени мали технички недостатоци. Поднесителите имаат рок да ги отстранат пропустите.Очекуваме тоа да се заврпи во текот на денот“ рече во телефонски разговор Костов.
Неофицијално дознаваме дека до ОИК се доставени четири листи со кандидати за градоначалник. За градоначалничката функција од СДСМ претендира Бетиан Китев, од ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев, Борис Давидов како независен кандидат, а свој кандидат предложиле и од ТМОРО. За советничко место свои кандидати предложиле СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ТМОРО, ГРОМ, Ристо Сакалиев и Борис Давидов како независни.
Сега Општинските изборни комисии во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати треба да утврдат дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е во согласност со одредбите на Изборниот законик. Потврдените кандидатски листи треба да бидат доставени до ДИК најдоцна до 16 септември. /А.Д