ОЈО Велес поднесе обвинителен предлог против велешанката П.И за убиство на велешанецот А.Р
Основното јавно обвинителство Велес, по спроведена постапка, поднесе Обвинителен предлог против 23-годишна велешанка П.И за сторено кривично дело „Убиство во миг“ според член 125 од Кривичниот законик.
Според подигнатото обвинение, обвинетата, на 29 септември 2021 година, во семејната куќа во која живеела, доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на семејно насилство, го лишила од живот во еден миг сега починатиот А.Р. со кого живеела во вонбрачна заедница.
Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. П.И влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот и започнал да ја дави.
Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти и во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот, пишува во обвинителниот акт.
Според Основно јавно обвинителство Велес, со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетата, заедно со Обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката куќен притвор определена за обезбедување на присуството на обвинетата во текот на кривичната постапка.
Стефани Манева